Извадок: „Слобода“ од Џонатан Френцен

Неговиот следен концерт беше во работен ден, една недела во септември, во еден клуб со лоша вентилација „Лонгхорн“, каде што „Трауматикс“ свиреа како предгрупа на „Базкокс. Буквално првата личност која ја сретнаа кога со Елајза стигнаа таму беше Картер. Тој стоеше држејќи за врат една гротескно убава русокоса девојка во светликаво мини-здолниште. „Срање“, извика Елајза. Пети храбро му мавна на Картер, неговите грди заби блеснаа, па тој тргна кон нив, чист пример за пристојност, а девојката во мини по него. Елајза ја спушти главата и ја повлече Пети низ група распушени панкери, а потоа напред кон бината. Таму сретнаа едно светлокосо момче, за кое Пети претпостави дека е славниот цимер уште пред Елајза да викне гласно: „Каде си Волтер, како си?“

Базкокс (The Buzzcocks)

Сè уште непознавајќи го Волтер таа немаше поим колку е необично тоа што на поздравот возврати со студено кимање, а не со онаа топла насмевка карактеристична за луѓето од Средниот Запад.

„Ова е мојата најдобра другарка Пети“, му рече Елајза. „Може ли малку да остане овде додека сум зад сцената?

„Мислам дека сега ќе излезат на сцена“, рече Волтер.

„Само на секунда“, му одговори Елајза. „Внимавај на неа. Добро?“

„А, да одиме сите таму“, рече Волтер.

„Не, треба да ми чуваш место овде“, ù рече Елајза на Пети. „Веднаш се враќам“.

Волтер гледаше нерасположено додека таа се пробиваше низ мешаницата и ја снемуваше.

Тој не изгледаше ни приближно како некој што само буба, како што Елајза ù го претставуваше на Пети. Тој носеше џемпер со V-изрез, имаше порасната кадрава црвено-руса коса и личеше на она што беше – бруцош на право – но, се издвојуваше меѓу панкерите со нивните ужасни фризури и облеки. Пети, која одеднаш се почувствува непријатно во сопствената облека, што ја сакаше до пред една минута, беше благодарна што тој е толку обичен.

„Благодарам што ми правиш друштво“, му рече.

„Мислам дека доста долго ќе стоиме овде“, рече Волтер.

„Мило ми е што те запознав“.

„И мене ми е мило. Ти си кошаркарската ѕвезда“.

„Јас сум“.

„Ричард ми зборуваше за тебе“. Тој се сврти кон неа. „Се дрогираш ли многу?“

„Не! Боже! Зошто?“

„Затоа што другарка ти многу се дрогира“.

Пети не знаеше каква фаца да направи. „Не се дрогира кога е со мене“.

„Затоа и оди зад сцената“.

„Добро“.

„Извини. Знам дека ти е другарка“.

„Не, интересно е да се знаат вакви работи“.

„Изгледа дека има многу пари“.

„Да, нејзините ù испраќаат“.

„Значи, од родителите“.

Волтер изгледаше толку опседнат со тоа што ја немаше Елајза, така што Пети полека замолчи. Повторно чувствуваше морбидна желба за натпревар. Дури и едвај свесна дека е заинтересирана за Ричард, за неа беше неправедно што Елајза, можеби, вади од себе и повеќе од максимум и ја користи својата половична убавина, можеби, дури и пари од нејзините за да го задржи вниманието на Ричард и да купи пристап до него. Колку Пети не знаеше за животот! Колку е далеку од другите луѓе! И ù изгледаше грдо колку сè што беше на бината! Голите жици, студениот хром на тапаните и практичните микрофони и киднаперските лепливи ленти и фар-светлата како топови: сè изгледаше толку хард-кор.

„Често одиш на концерти?“, праша Волтер.

„Не, никогаш. Само еднаш сум била“.

„Носиш тапи за уши?“

„Не. Ќе ми требаат?“

„Ричард е многу гласен. Земи ги моите. Како нови се“.

Од џебот извади кутиче со два бели сунѓересто гумени црви. Пети ги погледна и даде сè од себе за да се насмее љубезно. „Не, благодарам“, рече.

„Јас сум многу педантен“, ù објасни тој со сериозен тон. „Нема никакви опасности по здравјето“.

„Но, ти ќе немаш“.

„Ќе ги скинам на половина. Ќе ти треба нешто за заштита“.

Пети го гледаше како внимателно ги преполовува тапите за уши. „Ќе ги држам в рака, па ако ми биде потребно ќе ги ставам“, рече таа.

Стоеја таму околу 15 минути. Најпосле се појави Елајза, целата некако разнишата, се навалуваше, изгледаше како озрачена кога се изгаснаа светлата и публиката тргна напред кон бината. Пети веднаш ги фрли тапите за уши. Имаше многу повеќе туркање отколку што требаше. Еден дебелко облечен во кожа ù се наби во грбот и ја турна кон бината. Елајза веќе мавташе со косата и потскокнуваше во исчекување, а на Волтер му остана да го турне дебелкото и да ù направи простор на Пети да стои исправено.

          Извадок од „Слобода“ на Џонатан Френцен

Sloboda

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s