Тивкиот глас на аутизмот низ зборовите на едно дете
Вчера, на 23-ти април, во Хотел Арка се одржа хуманитарен настан на кој издавачката куќа Арс Либрис и Ротари клубот „Кирил и Методиј“ од Скопје, ја промовираа книгата „Зошто сакам да скокам“ – вистинска лична приказна на едно аутистично дете.
Книгата претставува еден вид на мемоар, во кој Наоки Хигашида, тринаесетгодишно момче со аутизам, демонстрира како аутистичниот ум размислува, чувствува, гледа и реагира, на начин кој само неколку од нас можат да си го замислат. Родители и членови на семејството кои никогаш претходно не ни мислеа дека можат да навлезат во главите на нивните аутистични деца, сега имаат можност да го погледнат нивниот свет одблизу.
„Книгата е лична приказна на едно аутистично дете, раскажана преку 58 прашања – и исто толку одговори: Зошто зборувате толку гласно? Зошто постојано ги повторувате истите прашања? Зошто плескате со рацете? Зошто помните возни редови? Календари? Зошто толку сакате да се вртите и скокате? … и така натаму….“, рече Дарко Фиданоски, еден од основачите на Арс Либрис, дел од Арс Ламина публикации. „Во акцијата за подигнување на свесноста околу аутизмот можете да се вклучите и вие – не само со вашите љубезни донации, туку и со самото читање на книгата, со што подобро ќе можете да разберете што се случува во умот на едно дете со аутизам, и зошто Наоки сака да скока“, продолжи Фиданоски.
„Како дел од мисијата на нашиот клуб за поддршка на сите оние кои се соочуваат и се справуваат со аутизмот, и во месецот за подигнување на свесноста за аутизмот, го организираме овој донаторски настан на кој заедно со Арс Либрис ја промовираме и книгата за аутизам ’Зошто сакам да скокам’. Вечерва сите го дадовме нашиот глас за помош на децата со аутизам. Во нивно име им се заблагодарувам на сите гости и членови за љубезните донации, тоа се луѓе кои постојано се обидуваат да помогнат на разни сегменти од нашето општество, и секаде каде е потребна помош.“ – изјави Филип Марковиќ, Претседател на Ротари клубот „Кирил и Методиј“ од Скопје.
Износот за минимална донација за членовите на Ротари клубот изнесуваше 1500 денари, додека пак за останатите гости и Ротаракт 1000 денари. Со донацијата секој гостин доби и бесплатен примерок од книгата, и секако имаше можност и да донира дополнителни средства.
„По промоцијата, книгата ќе може да се купи на нашиот сајт Литература.мк по цена од 300 денари, а ќе биде достапна и на други продажни места. Во таа смисла, во оваа акција несебично се вклучуваат и нашите партнери за дистрибуција – Тинекс, Космо, СП, Купи Книга, и секојдневно се вклучуваат и други наши партнери“, објасни Фиданоски.
Собраните средства од донациите, како и средствата од понатамошната редовна продажба на книгата ќе бидат наменети за помош и поддршка на децата и семејствата кои се справуваат со аутизмот.