Вчера, на штандот на Арс Либрис, на Саемот на книгата, беше одржана промоција на книгата „Мојата автобиографија“ од Алекс Фергусон, поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед, најтрофејниот тренер во историјата на англискиот фудбал и една од највлијателните фигури во возбудливиот свет на убавата игра.
На промоцијата зборуваа Дарко Фиданоски, еден од основачите на Арс Либрис, дел од Арс Ламина публикации, Ѓоко Хаџиевски, нашиот најдобар фудбалски тренер и поранешен репрезентативен селектор, и Александар Васовски, еден од нашите најуспешни репрезентативци и интернационалци.
„Имајќи предвид дека станува збор за книга на еден тренер кој беше многу успешен со еден голем и легендарен клуб, јас сум еден од оние кои е најзаинтересиран да прочита што се пишува во книгата. Моменти кои се случувале зад вратите кои биле затворени за јавноста, како расправиите во соблекувалната со Дејвид Бекам, детали околу трансферите на Вејн Руни и другите ѕвезди, сега за прв пат излегуваат во јавноста“, рече Хаџиевски на промоцијата.
Во интервјуто со Алекс Фергусон, снимено за издавачот по повод издавање на автобиографијата, и презентирано на вчерашната промоција, Фергусон открива дека последните четири сезони пред да се пензионира се носел со идејата за книгата и почнал да ги средува своите белешки и спомени од минатото. Тој вели дека пишувањето книга е предизвик, мора да се дистанцирате себеси и да погледнете во историјата на клубот каде што се забележани сите рекорди, голгетери, времето на постигнување на головите. Но, тоа што е најважно според него е искреноста, со која верува дека може да изненади многу луѓе кои ќе ја прочитаат книгата.
Во автобиографијата ги открива сите пикантерии, мислења за англискиот фудбал и неговите играчи. Според Фергусон од сите голгетери кои играле за Манчестер Јунајтед, најдобар бил сегашниот тренер на Кардиф – Оле Гунар Солскјаер, додека пак најдобриот тим со кој некогаш играл е Барселона.