Арс Либрис ја издаде биографијата „Плејбојот и стаорецот: Приказната за Џејмс Хант и Ники Лауда“ од Рој Кали, за двајцата најпознати тркачи на формула во ’70-тите години на минатиот век.
Биографијата ги одбележува најзначајните настани во тој период, вклучувајќи го и приказот на нивното „ривалство“ за време на Светското првенство во 1976 година, кое се смета за едно од најдраматичните битки во историјата на спортот. Театралност, дисквалификации, интриги, валкани трикови, но пред сѐ храброст, се поими кои го одбележаа шампионатот.
Дејствието продолжува со легендарното враќање на Лауда по речиси смртните повреди и титулата на Хант, кои заедно успеваат да создадат нова генерација на следбеници кои претходно биле имуни на спортот.
По неверојатната сезона, нивните кариери и животи отишле во сосем спротивни насоки – Лауда станал почитуван советник за спорт, а Хант умрел на прилично млада возраст, водејќи живот типичен за еден тркач.
Авторот Рој Кали, кој инаку работи во Би-Би-Си Спорт и е дел од Формула 1 од средината на ’70-те, во „Плејбојот и стаорецот“ успева повторно да ги спои Хант и Лауда, раскажувајќи ја нивната приказна од амбициозните почетоци до кулминацијата на нивните соништа.
Портретирањето на Џејмс Хант и Ники Лауда е пренесено и на холивудското платно со филмот „Трка на животот“ (Rush) на режисерот Рон Хауард, кој минатата година доби бројни награди.
Преводот на македонски јазик е во издание на Арс Либрис, дел од Арс Ламина публикации, во соработка со МПМ (Медиа Принт Македонија). Книгата ќе биде достапна во сите продажни места на МПМ, а читателите на магазинот Спорт бокс ќе можат да ја добијат бесплатно со секој купен примерок од овој спортски тримесечник.